Skip to main content
Македонија

Завршни зборови за убиствата на Вања и Панче: Нема никакво оправдување за убиство на невино дете, кое ни на сон не им сторило ништо на четворицата обвинети

09/06/2025  11:29

Обвинителството денеска со завршни зборови за грозоморните убиства на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, за кои обвинети се Љупчо Палевски – Палчо, Влатко Кешишев, Боре Видевски, Велибор Манев и таткото на Вања, Алексндар Ѓорчевски.

Обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска на завршните зборови рече дека нема никакво оправдуваењ за убиство на невино дете, кое не им сторило ништо на четворицата обвинети.

„Ниту еден од обвинетите по убиството на Панче не реагирал како суштество за да се прекине тоа, напротив продолжиле кон дете деветто одделение со ранец, дете кое ниту на сон не им згрешило на обвинетите.

Таткото бил омилен на Вања, таа дури и му посветила состав на училиште со наслов „Најдобар татко“. Од првите моменти тој се однесува чудно, со колата тргнува сам да ја бара Вања, без притоа да праша како е и каде е другото дете Миња.

Убиство, особено убиство на дете не е само чин на суровост и бруталност. Тој е директен напад врз човечноста врз општеството.

Тоа е дело кое не остана простор за рамнодушност, тоа е чин кој не може да се оправда. Со секој таков чин се уништува не само едно мало суштество, туку и вербата во добрината, во правдата…

Сторителите на злоделата не заслужуваат само правна туку и длабока морална осуда. Од секој поединец, од секоја заедница од цело општество. Тие ја прекршуваат не само буквата на законот туку и суштината на човековото битие.

Морбидните настани ја потресоа македонската пошироката јавност, вчудоневидени дека од една мала држава може да се случат вакви тешки злодела.

Вања ја убиле така ладнокрвно, свирепо на монструозен план. Се надевале дека никогаш нема да биде најдена, остајаќи ја закопана во дупка покриена со разни предмети.

Нема ли грам совест, ни човечност ни родителско чувство. Сите четворица обвинети имаат и свои деца, на кои со грабнување и убивање сакале да им обезбедат удобен, пристоен живот, да им купат станови, да им прават свадби, да се веселат со најмилите.

Поминале доволно денови по убиството на Панче Жежовски од Велес. Ниту еден од обвинетите не презел дејствија со кои би покажале реакција за човечко суштество.

Биле сигурни и убедени дека нема да ги откријат за грабнувањата и убиствата па се впуштиле кон грабнување и убиство на 14 годишно дете кое оди со ранец на училиште. Дете кое било деветто одделение и требало да заврши основно училиште и да продолжи во средно. Невино дете кое ниту на сон не им направило ништо на четвроицата обвинети“, се дел од завршните збори на обвинителството денеска во судница.