Skip to main content
Македонија

Заврши рехабилитацијата за првата група повредени во „Пулс“, во вторник доаѓа втора група

05/07/2025  19:25

Првата група од 45 повредени лица во пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани ја заврши рехабилитацијата во одморалиштето на МВР на планинскиот центар Пониква.

На почетокот на идната недела ќе пристигне нова група која овде ќе добива двонеделна медицинска нега и физикална терапија, а ќе бидат вклучени и лица со респираторна патологија на кои веќе им завршило лекувањето.

Во тек е дезинфекција на просториите во објектите каде престојуваа лицата, а се прска и против комарци, со што се прават подготовки за втората група повредени. Во план е во вторник тие да пристигнат на Пониква и да се сместат во одморалиштето, а веќе е подготвен и списокот за третата група за рехабилитација. Престојот на планина им годи на повредените млади луѓе и тоа позитивно влијае за нивната рехабилтиација – и физички и психички. Дел од нив продолжуваат со подготовки за полагање на испитите на факултетите, а оние кои претходно биле работно ангажирани веќе се чувствуваат подготвени да се вратат на своите работни места. Едно момче кое беше повредено во пожарот во „Пулс“ се пријавило на огласот да биде волонтер во Доброволното противпожарно друштво во Кочани, истакна Катерина Мирчовска, директорка на Општата болница со проширена дејност во Кочани.

За рехабилитацијата на повредените на Пониква се грижат лекари специјалисти од Клиниката за пластична хирургија од Скопје, како и физиотерапевти од Кочани и Штип кои им ја обезбедуваат потребната здравствена нега и физиотерапевтските вежби. Скоро сите повредени спроведуваат физички активности и ги користат опремените спортски игралишта, а вклучени се вклучени и во системот „Мој термин“.