
ЈП „Водовод и канализација“ заврши со комплексниот технички зафат, кој се прави еднаш на 60 години, за подобрување на водоснабдувањето и притисокот на водата, како и за намалување на загубите на вода.

„Од името на Град Скопје сакам да истакнам благодарност до тимот на ЈП ‘Водовод и канализација’ – Скопје, кој под раководство на директорот Тони Миновски беше целосно ангажиран и во подготвителната и во изведбената фаза на овој комплексен технички зафат за изведба на главен водоводен приклучок и монтажа на игличест регулациски вентил, потфат што се прави еднаш на 60 години за подобрување на водоснабдувањето и на притисокот на водата, како и за намалување на загубите на вода“, соопшти градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска.
„Со ваквото поврзување се создадаваат услови за формирање циркуларен прстен за поврзување на двата магистрални цевководи во градот Скопје“, појасни Арсовска.
Од Здружението на инженерите на Македонија велат дека оваа интервенција воопшто не била рутинска, туку станува збор за високосензибилна операција, со реални ризици за стабилноста на системот и со потреба од прецизна координација и инженерска решителност и храброст.
„Тимот на инженери и техничари не само што се соочи со технички ризици, како што се појава на воздушни џебови или потенцијално оштетување на клучните сегменти од мрежата, туку покажа и извонредна организациска зрелост: 70 % од времето го насочија во детаљни подготвителни активности, а 30 % во ефикасна и безгрешна изведба, која траеше цели 28 часа непрекината работа“, велат од Здружението.