Skip to main content
Македонија

Заврши Генералното собрание на Асоцијацијата на уставни судови на Франкофонијата во Букурешт: донесени се повеќе одлуки

08/05/2025  10:38

Со одржувањето на работилница на темата „Уставна контрола на уставните измени“ завршија работните сесии од 10. Конгрес на Асоцијацијата на уставни судови на Франкофонијата во Букурешт, по што се одржа Генералното собрание на ACCF.

На Генералното собрание, новото претседателство на Уставниот суд на Романија ја презентираше Програмата за следните три години (2025-2028). Темата „уставна демократија“ ќе биде во фокусот на новото раководство. Избрано е новото Биро на ACCF, усвоени се измени на Статутот и Внатрешните правила на Асоцијацијата и усвоен е Етичкиот кодекс за уставните судии.

Со мнозинство гласови од присутните претставници, Генералното собрание ја усвои апликацијата на Уставниот суд на Косово за зачленување во Асоцијацијата на франкофонските уставни судови.

Делегацијата на Уставниот суд на Република Македонија, кој е член на ACCF, беше предводена од претседателот д-р Дарко Костадиновски. Тој како еден од говорниците на работните сесии, своето обраќање го посвети на темата „жив конституционализам“.