
Вработените во Центарот за социјални работи Тетово, денеска во 12 часот и 30 минути ќе протестираат пред зградата на институцијата во знак на поддршка за нивна колешка која беше застрелана вчера во просториите на Центарот за социјални работи Прилеп.
За кривично-правниот настан во кој беше застрелана 38-годишната социјалната работничка во градите, приведен е 50-годишен маж, кој според неофицијални податоци на „Слободен печат” имал историја на насилно поведение, прво кон својата поранешна сопруга. Во таа постапка постапувал тим од центарот за социјални работи во кој била и застреланата социјална работничка врз која насилникот презел дејство со мотив одмазда. Тој 5 години ја демнел и загрозувал сигурноста на жртвата, за што биле водени кривични постапки ама избегал од психијатриската установа во која издржувал мерка задолжително психијатриско лекување.
Освен кон социјалната работничка која ја погодил, пукал и кон директорот на Центарот за социјални работи Прилеп кој не е повреден. Тој е уапсен. Нејасно е како можел да избега од установа од затворен карактер, односно се отвора прашањето и за безбедноста на таа јавно-здравствена установа.Од Обвинителството велат дека напаѓачот подолго време ја демнел жртвата. Директорот на прилепската болница доктор Кире Јоноски за „Слободен печат“ вели дека застреланата пациентка, социјалната работничка е хоспитализирана и утринава е во добра и стабилна состојба. Едниот куршум ја промашил и завршил во ѕидот на канцеларијата, а вториот завршил поткожно во пределот кај дванаесеттото ребро.
Вработените од Центарот за социјални работи Тетово денеска во 12 часот и 30 минути ќе протестираат пред зградата на службата. Тие до Министерството за труд и социјална политика, демографија и млади упатиле барање за итни мерки за заштита на социјалните работници. Нема социјален работник кој не трпи притисоци. Во писмото пишува дека социјалните работници од Тетово се загрижени и револтирани поради зголемениот број случаи на насилство врз вработените во центрите за социјална работа. Бараат системски мерки за нивна заштита во вршењето на службата.
Најновиот случај, нападот врз нашата колешка во Прилеп е јасен показател дека итно се потребни системски промени за заштита на социјалните работници. Социјалните работници секојдневно се соочуваат со закани, вербални и физички напади додека ја вршат својата должност за заштита на најранливите категории граѓани. Недостатокот на безбедносни мерки во институциите каде што работиме сериозно го загрозува не само нашето физичко здравје и менталното здравје, туку и квалитетот на услугите што ги обезбедуваме, пишува во дописот до Министерството.
Социјалните работници бараат итни мерки. Прво, бараат да се донесат законски измени со кои нападот врз социјален работник ќе се третира како напад врз службено лице и тоа да се однесува на сите форми на вознемирување, меѓу кои психолошки и физички напад, од внатрешни и од надворешни субјекти.
Бараме физичко обезбедување односно задолжително присуство на обезбедување во сите Центри за социјална работа. Бараме обезбедување бесплатна психолошка поддршка за вработените кои биле изложени на насилство. Бараме унапредување на условите за работа и подобрување на работните услови и зголемување на платите без условување со минат труд. Бараме построги санкции за насилниците односно итно процесирање на сите случаи на напад врз социјални работници и соодветно санкционирање, пишува во дописот во кој го информираат Министерството за труд дека денеска излегуваат на протест.
Јавниот собир социјалните работници во Тетово ќе го одржат со цел да го изразат своето незадоволство и да повикаат на институционална одговорност.
Очекуваме Министерството итно да реагира и да преземе конкретни мерки за заштита на социјалните работници, се вели во дописот до надлежното министерство.