Skip to main content
Свет

Засилени безбедносните мерки околу базиликата во Рим, каде што ќе биде погребан папата

25/04/2025  12:09

Продолжија подготовките во базиликата „Света Марија Велика“ во Рим, каде што папата Франциско ќе биде погребан в сабота.

Безбедносните мерки околу базиликата се засилени со зголемувањето на бројот на посетители, јавува агенцијата „Анадолија“, според списанието „Феникс“.

В сабота, 26 април, по погребот, што ќе се одржи во 10 часот наутро во базиликата „Свети Петар“, ковчегот на папата Франциско ќе биде префрлен во црквата „Света Марија Велика“. На надгробниот споменик, според неговата изречна желба, ќе стои само зборот: Франциско.

Традицијата вели дека повеќето папи се погребани во ватиканските пештери, но „Света Марија Велика“ веќе ги примила останките на седум папи: Хонориј III (1227), Николај IV (1292), Пиј V (1572), Сикст V (1590), Климент VIII (1605), Павле V (1621) и Климент IX (1669).

Почнувајќи од сабота, во базиликата „Света Марија Велика“, покрај гробовите на другите седум папи, ќе се наоѓа и гробницата на папата Франциско, потопена во евокативна атмосфера, збогатена со елементи додадени со текот на годините, но кои ја зачувуваат оригиналната палеохристијанска структура.

Секој агол од базиликата потсетува на побожност, историја и уметност.

На 14 март 2013 година, денот по изборот, папата приватно отишол во „Света Марија Велика“ за да се помоли пред Дева Марија. Гестот го означувал почетокот на ритуалот што ќе се повторува пред и по секое апостолско патување.