
Автопатот Кичево–Охрид, кој се гради повеќе од 12 години останува без поддршка од кинеската Ексим банка и со ново задолжување кај домашни банки.
Долгогодишниот проект за изградба на автопатот Кичево–Охрид се соочува со нов пресврт, откако престана финансирањето од кинеската „Ексим“ банка, а државата најавува дека остатокот ќе го покрие со кредити од домашни банки.
Премиерот Христијан Мицкоски призна дека процесот не поминал без проблеми.
„Имавме мала потешкотија, морам да признаам, посебно во делот на обезбедување на средства за довршување на делницата Кичево-Охрид. Затоа што знаете дека заемот којшто го добиваме од кинеската „Ексим“ банка, повеќе не го добиваме, престана“, изјави Мицкоски.
Прекинот на финансирањето доаѓа по одлука од претходната влада, која ја известила банката дека натамошните средства за проектот ќе ги обезбедува државата. Според информациите, од вкупно обезбедените 529 милиони евра, исплатени се 478 милиони, додека остатокот ќе се исплаќа согласно постојниот договор.
Во меѓувреме, државата се свртува кон нов модел – задолжување кај домашни банки.
„Формиран е еден синдикат од домашни банки со исклучително, би рекол, поволни услови. И практично тие домашни банки ќе го дозавршат финансирањето и тоа ќе биде последно. И со тоа веќе конечно таа делница ќе биде функционална“, рече премиерот.
Сепак, зад најавите за „последно финансирање“ стои проект што веќе со години се одолговлекува. Автопатот, долг 57 километри, се гради повеќе од една деценија, а досега се пуштени во употреба околу 40 километри.
Во меѓувреме, цената расте, роковите се поместуваат, а договорите се менуваат. Во март беше потпишан осми анекс на договорот со кинеската компанија „Синохидро“, со кој се обезбедуваат дополнителни средства за стабилизација на свлечишта и изградба на 14 галерии.
Проектот со години е симбол на проблематично планирање, правни контроверзии и политички препукувања. Случајот „Траекторија“, кој се однесуваше на начинот на финансирање, заврши без судска разрешница поради застарување на делата.

