
За околу 250 илјади ученици во основните и средните училишта денеска започнува зимскиот распуст. По празничната пауза, учениците повторно ќе седнат во училишните клупи на 20 јануари 2026 година, со почетокот на второто полугодие од учебната 2025/2026 година.
Во продолжението на учебната година ќе продолжат активностите насочени кон оптимизација на училишната мрежа, како и воведувањето едносменска настава. Овој модел на работа досега е имплементиран во околу 200 училишта низ државата, а надлежните најавуваат негово понатамошно проширување.
Годинава новини ги очекуваат и матурантите, кои во јуни ќе полагаат државна матура според нов концепт. Истовремено, подобрување на материјалниот статус се најавува и за наставниот кадар, при што во март наставниците се очекува да добијат зголемување на платите од 7,5 до 10 проценти.
