Skip to main content
Скопје

Започнаа училишните спортски лиги во Карпош

12/09/2025  15:58

На свечен начин, денеска во спортската сала „Наум Наумовски Борче“ беше одбележан почетокот на Училишните спортски лиги на Општина Карпош, за учебната 2025/2026 година. Во рамки на оваа традиционална спортска манифестација која ја организира Одделението за спорт и култура веќе 16 години во континуитет, основците од десетте училишта во Карпош ќе ги одмерат своите сили во фудбал и кошарка за момчиња, како и одбојка за девојчиња. Во оваа пригода градоначалникот Стевчо Јакимовски официјално ги прогласи Спортските лиги за отворени, при што им посака на основците многу успех, спортска среќа, чесна игра и ферплеј атмосфера.

„Денеска изгледате многу убаво, ви се гледа во очите жар за спортска борба, жар за натпреварување. Минатата година овде имавме мечови во кошарка и во одбојка. Јас посакувам оваа година сите екипи да бидат посилни, да победат најдобрите и се разбира, за најдобрите следува награда од Општина Карпош. Знаете дека секоја година организираме летување, седумдневен одмор во Грција како за вас така и за првенците на генерација и сите оние што ќе бидат најдобри. Морам да ве информирам дека од наредната година ќе ги зголемиме и стипендиите, сумата што ја даваме за спортски стипенди , така што само вие спортувајте и учете а Општината Карпош ќе стои секогаш зад вас. Сакам да споделам со вас една убава информација, имено ние го добивме судскиот спор за салата „Партизан“. Сега можете безгрижно да спортувате во неа, бидејќи салата ви припаѓа вам“ – додаде Јакимовски

Преку оваа иницијатива, Општина Карпош ги поттикнува основците да спортуваат и да создаваат здрави животни навики, со тоа што парично ги наградува победниците во трите спортови, обезбедувајќи за нив осуммесечни стипендии како и еднонеделна летна екскурзија.