Грција ќе игра суштинска улога во ко-обликувањето на меѓународната политика за глобалната безбедносна архитектура и ќе има значаен глас, улога и одговорност во глобалните случувања, порача шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис, по повод почетокот на мандатот на земјата како непостојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Мандатот на Грција е во периодот 2025-2026 година, што според министерот за надворешни работи, е во „особено критичен период“, а паралелно посочи дека ќе работат билатерално и мултилатерално со сите земји-членки на ОН.
На почетокот на јуни минатата година, грчката кандидатура за непостојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации за периодот 2025 – 2026 година, беше поддржана од 182 држави, од вкупно 188 земји кои гласаа, а Герапетритис тогаш коментираше дека е „историски ден за Грција“.