![](https://24info.mk/wp-content/uploads/2025/02/dscf5824.jpg)
Секторот инспекторат од Општина Карпош во соработка со колективниот постапувач „Греен Роад“, денеска ја започна долго најавуваната акција за отстранување на отпадни (хаварисани) возила на територија на локалната самоуправа, кои воедно претставуваат и опасност по животната околина во која живеат карпошани. Во таа насока инспекциските служби од Општина Карпош ги мапираа старите (хаварисани) возила, означувајќи ги со налепници на кои беше напишано известување до нивните сопственици, дека во рок од 10 дена се должни да го отстранат отпадното возило. Оттука, доколку тие не го отстранат возилото, инспекторите преку добиени информации од МВР доставуваат записник за идентификација и Решение за опомена со рок од пет дена да се отстрани возилото. Доколку и по тој рок не се реагира, колективниот постапувач го подига возилото. Акцијата ја поздрави и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој истакна дека оваа иницијатива ја поддржуваат голем дел од граѓаните на локалната самоуправа.
Општина Карпош ја води акцијата за расчистување на хаварисаните возила на нашата територија за која мораме да спроведеме соодветна постапка. Во оваа пригода апелирам до граѓаните, сите возила кои што не се регистрирани, кои што зафаќаат несоодветно место или да ги регистрираат и да ги возат, или пак истите возила ние ќе мора да ги отстраниме. Постапката е таква да ги однесеме на соодветно место надвор од паркинг просторот каде што се тие, таму да чекаме отприлика 30-тина дена и потоа да видиме дали граѓаните ќе се интересираат за тоа возило или ќе треба да се спроведуваат нови постапки во кое што на крај возилото ќе оди на рециклирање. Не би сакале да имаме никакви немили настани нити пак непријатни разговори со граѓаните, но тие мора да водат сметка дека едно возило кое со години стои на едно место тоа практично ги оневозможува останатите граѓани да можат да го користат тој паркинг простор – објасни Јакимовски.
Возилата ќе бидат транспортирани во собирен центар – депо, каде што ќе бидат оставени седум дена, а потоа ќе бидат однесени на рециклирање. Акцијата започна денеска од населбата Карпош 1 и ќе се одвива етапно, односно по отстранување на возилата во една урбана заедница ќе се продолжи во следната.Инаку, во текот на месец декември и јануари, се мапирани 50 отпадни возила на територија на У.З. Карпош 1 и до денес се отстранети вкупно 35, додека за 11 возила се води инспекциска постапка. По истекот на роковите дадени во Решенијата за опомена ќе бидат подигнати и преостанатите возила, а оваа иницијатива предизвика голем интерес кај сопствениците за самоиницијативно отстранување на отпадните возила. Акцијата ќе трае до конечно отстранување на сите отпадни возила од територијата на Општина Карпош.