Skip to main content
Македонија

Занаетчиска комора: Ќе работиме на поддршка на занаетчиството и во 2025

27/12/2024  15:23

Претставниците на занаетчиската комора се задоволни од сработеното во годината што изминува, најавуваат нови проекти и барања до надлежните институции за олеснувања на работата  на занаетчиите во Куманово и земјава, соопштија на денешната прес-конференција, надлежните од ЗКРСМ и од Регионалната занаечиска комора Куманово.

-Отворивме сувенирница во Куманово, ќе продолжиме со отворање сувенирници, првин во Скопје, а потоа и во останатите градови во земјава. Многу ни е важно да функционираат сувенирници насекаде за да може да се промовира локалното богатство, традицијата, културата, изјави претседателот на ЗКРСМ и на РЗК Куманово, Агрон Фазлији.

Во меѓувреме ќе продолжат напорите на комората за обезбедување подобри услови за работа на занаетчиите во кои влегуваат, не само старите занаети или помалите занаетчии, туку и компании како што се пекари, автомеханичари, водоинсталатер…

-Добро е што се отвара ,,старата тема” за недела неработен ден. Не може во наше име да преговара никој. Не смееме да дозволиме фризерница, козметичари, автомеханичар, водоинсталатер да не работи во недела. Ние секако ќе ги почитуваме и работничките права. Оние кои самите се самовработени, самите ќе си плаќаат, не ,,бегаме” од одговорност ќе си плаќаме трикратно дневница за работниците, изјави Фазлији.

 Занаетчиите уште при носење на овој закон реагираа дека не е во интерес ниту на малите, микропретпријатија, ниту пак на државата која на овој начин, според нив ја поттикнуваше сивата економија. ЗКРСМ очекува средба со надлежните институции.

-Апелираме до претседателот на Владата, да си слушне потребите на сите, вклучително и на занаетчиите, повика Фазлији.

Одговорните  да ги земат предвид специфичните потреби на занаетчиите и да предложат алтернативни решенија кои ќе ги заштитат нивните интереси и ќе овозможат континуитет на нивната работа. Оттаму велат дека е потребно е да се ревидира и олесни регулативата, со цел да им се дозволи на овие занаетчии да работат и во недела, за да можат да го задржат нивниот приход и да ги задоволат потребите на клиентите.

Од Комората велат дека занаетчиството е значаен дел од нашата економија и култура и надлежните, Владата, министерствата треба да се посветат посебно внимание за неговиот развој и поддршка.