Skip to main content
Македонија

Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, помина на собраниската комисија за одбрана

01/04/2025  18:16

Собраниската Комисија за одбрана и безбедност го разгледа и проследи на понатамошна постапка Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир со кој се предлага измена на законската регулатива во насока на забрана на употреба на експлозивни материи – пиротехнички средства во затворен простор. Предлогот денеска треба да биде разгледан и во Законодавно-правната комисија.

Со предложениот Закон, за кој не беа поднесени амандмани, се врши интервентна измена во Законот за прекршоците против јавниот ред и мир како резултат на трагедијата со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март во кој загинаа 59 млади луѓе и околу 200 беа повредени.

Се утврдува дека не е дозволена употреба на пиротехнички средства определени со закон во објекти и простории од затворен тип, а се предвидуваат и прекршочни глоби за физички и правни лица кои постапуваат спротивно на забраната.

Пратеникот Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ на комисиската расправа истакна дека предлогот е во насока на зголемување на превенцијата и редот во државата.

-Сето тоа е во насока на зголемување на превенцијата и редот во државата каде што би требало имплементацијата на истите да придонесе да не се повторат вакви несреќи за кои сите жалиме. Драго ми е што беше поддржан од опозицијата. Проширени се делата за нарушување на јавен ред и мир. Зголемена е глобата, додека за повторување на прекршувања се предвидува и радикална мерка одреден притвор, а се зголемуваат и надлежностите на полицијата, информираше тој.

Според пратеничката Драгана Бојковска од ВМРО-ДПМНЕ, оваа законска измена не претставува само законска измена, туку треба да претставува чекор и апел дека треба да постои одговорност но и дека не смее да има компромис кога се работи за безбедноста на младите.

Во предлогот стои дека имајќи предвид дека во процес на изготвување е нов Закон за експлозивни материи за цивилна употреба од страна на надлежното министерство, со конкретниот предлог се врши интервентна измена на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, до донесување на новите законски решенија со кои детално ќе бидат регулирани сите аспекти поврзани со експлозивните материи за цивилна употреба, во кои се опфатени и пиротехничките средства.