Skip to main content
Македонија

Закон предвидува 24 часа, но барање за одземање на имунитет на судијата се уште нема

18/01/2026  23:50

Согласно член 104 од новиот Закон за Судски совет, Советот со најмалку седум гласа од вкупно 13 членови со право на глас може да даде согласност за одобрување притвор на судија и да му го одземе имунитетот, освен во случај кога е затечен при извршување кривично дело за кое е пропишана затворска казна од најмалку пет години.

Во истиот член е предвидено дека постапката за одлучување по барање за притвор на судија е итна и мора да се спроведе во рок од 24 часа од моментот на доставување на барањето.

Сепак, засега до Судскиот совет не е доставено барање од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) за одобрување притвор.

Од Обвинителството информираат дека постапката продолжува и дека јавниот обвинител, ценејќи ги сите околности, во наредните денови ќе донесе одлука дали ќе побара притвор или друга мерка за обезбедување присуство на осомничениот.

„Се продолжува со постапувањето и јавниот обвинител, ценејќи ги сите околности, деновиве ќе процени во однос на мерки за обезбедување присуство на осомничениот, за што навремено ќе информираме“, велат од ОЈО ГОКК.

Станува збор за судијата Ѓоко Ристов од Апелацискиот суд Скопје, во чиј семеен дом во Неготино, при претрес извршен од МВР и ОЈО ГОКК, биле пронајдени околу 350.000 евра скриени во ѕид.

Од Обвинителството соопштија дека постои сомнеж оти пронајдените пари се незаконски стекнати. Постапката е проширување на истрагата започната на 14 декември, кога беше осомничен адвокатот и поранешен државен правобранител Фехми Стафа за кривично дело примање награда за противзаконито влијание.

По примањето на парите, Стафа беше лишен од слобода, при што кај него беа пронајдени и одземени паричните средства.

Судијата Ристов, засега, останува на слобода, додека надлежните институции ги преземаат следните чекори во постапката.