Skip to main content
Македонија

Закажан почетокот на судењето за Адитиви – на 37 обвинети ќе им се суди во судницата во Идризово

16/05/2025  15:43

Кривичниот суд го закажа судењето за случајот „Адитиви“ за на 29 мај во 10 часот. Со оглед на тоа што станува збор за предмет во кој има 37 обвинети, од Кривичен велат дека расправата ќе се одржи во судницата во рамките на затворот Идризово. Претседател на судечкиот совет кој ќе го води судењето е судијката Даниела Димовска.

Меѓу обвинетите за овој случај се и двајца поранешни директори на државната Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски, кој се уште е во бегство и неговиот наследник Васко Стефанов.

Ковачевски е обвинет за несовесно работење во службата, за неколку кривични дела се товарат Стефанов, како и екс директорите на РЕК Битола, Пеце Матевски и на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ и поранешните комерцијални директори на ЕСМ, Адријан Муча и Данчо Стојановски.

Тие во период од април во 2023 година до август во 2024 година, создале група со цел вршење на кривични дела. Според обвинението, меѓусебно се договарале да ги изиграат постапките за набавка на адитив за јаглен за потребите на РЕК Битола и РЕК Осломеј. На фирмата „Браинкоде“ која го добила тендерот ѝ овозможиле да се стекне со имотна корист од 6,4 милиони евра.

Меѓу новите осомничени во случајот е претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска.