
Струмичката полиција вчеравечер уапсила лице со иницијали А.Н., осомничено за намерно подметнување пожар во близина на приватен имот. Според полицискиот билтен, лицето било затекнато како се обидува да запали сува трева и веднаш било приведено.
Некои медиуми објавија дека уапсеното лице е поврзано со поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, алудирајќи дека станува збор за негов поранешен возач. Заев, пак, остро ги демантираше ваквите тврдења.
„Александар Николов е вработен во општина Струмица. Јас бев градоначалник на Струмица до 2016 година и во тие 12 години мој шофер беше Ристо Ѓузелов до неговото пензионирање, а потоа Кире Ангелов. Александар Николов тогаш работеше на портирницата и управуваше со службено возило за општинските инспекции и други служби“, изјави Заев за „Фокус“.
Тој додаде дека по завршувањето на неговиот мандат како градоначалник, повеќе не го видел Николов, отфрлајќи било каква лична или службена поврзаност со него во последните години.
Полицијата продолжува со истрагата, а против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава за предизвикување опасност по животната средина.