
Поранешниот координатор за „Отворен Балкан“ во Владата, Марјан Забрчанец, реагираше на последните клевети кои се појавија во одредени медиуми, а кои го обвинуваат за стоење зад протестите по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде загинаа 59 млади лица.
„Запрете со клеветењето и хушкањето, вашите лаги нема да го угасат гневот кај граѓаните кои бараат одговорност. Јавно се обраќам до сите медиуми и т.н. ‘медиуми’ кои ги објавија или ќе ги објават ваквите клеветења, навреди, хушкања, етикетирања и дезинформации и барам да го повлечат моето име од објавите и да се извинат за намерното предизвикување и ширење омраза и гнев во време на национална трагедија,“ изјави Забрчанец.
Тој посочи дека доколку медиумите не ја повлечат клеветата, ќе биде принуден да реагира согласно Законот за Граѓанска одговорност за навреда и клевета. Забрчанец бара извинувањето да биде објавено со еднаква видливост како и клеветите и да се објават фактите кои ги побиваат.
„Тврдењата дека сум неформален координатор и инспиратор на овие протестни движења се неточни. Ниту сум неформален, ниту формален координатор на протестите, ниту ги познавам координаторите, и немав можност да ги инспирирам. Младите имаат доволно капацитети да се организираат и координираат самостојно,“ додаде Забрчанец.
Дополнително, тој побара извинување и за јавната навреда дека бил дел од „сојуз на ретроградни елементи од СДСМ и ДУИ – групации“. Забрчанец категорично негираше било каква поврзаност со овие партии, нагласувајќи дека не е член на ниту една партија.
„Не сум дел од никаков сојуз на елементи од СДСМ и ДУИ, ниту од Левица,“ рече Забрчанец, истакнувајќи дека ваквите тврдења се непотребни и целосно неточни.
Тој ја оспори и изјавата дека се обидува да се врати на политичката сцена преку манипулација со трагедијата, нагласувајќи дека не ја злоупотребил трагедијата, туку дека сочувствува со семејствата на загинатите и со сите граѓани на Кочани и Македонија.
„Никогаш не сум имал намера да создадам институционална парализа. Напротив, сум работел за подобрување на оваа држава и за добробит на граѓаните. Мојата работа на проектите како ‘Отворен Балкан’ продолжи и под актуелната власт,“ додаде Забрчанец.
Тој потсети дека според Уставот и Законот за јавни собири, граѓаните имаат право на мирни протести и јавно изразување на мислење, и нагласи дека не ќе дозволи неговото име да биде искористено за да се компромитира легитимниот протест на младите.
„Хушкачите и клеветниците не ќе успеат да го угасат гневот и револтот кај граѓаните. Слободата е под закана, но слободните ќе победат,“ заклучи Забрчанец.