Skip to main content
Македонија

Забрана за користење вода во Струга

09/02/2026  21:48

Жителите на Струга од вчера попладне се соочуваат со сериозни проблеми во водоснабдувањето, откако од чешмите почнала да тече темно кафеава вода. Поради состојбата, надлежните институции воведоа целосна забрана за користење на водата.

Главниот извор за снабдување на градот, Шум, е целосно заматен, а првичните анализи на Центарот за јавно здравје покажуваат дека заматеноста е дури 30 пати над дозволеното. Водата е прогласена за технички неисправна и не смее да се користи за пиење, готвење ниту за лична хигиена.

Од здравствените власти предупредуваат дека постои можност Струга подолг период да остане без безбедна вода за пиење.

„Направив мониторинг на терен и констатирав дека водата во изворот Шум е буквално како кал. Мерењата во куќите и училиштата потврдуваат екстремна заматеност. Ситуацијата е сериозна. На стружани им преостанува да купуваат флаширана вода или, во краен случај, да користат езерска вода за одржување хигиена“, изјави Лидија Симонска од Центарот за јавно здравје.