Skip to main content
Македонија

За традиционалниот Илинденски коњички марш пријавени педесетина коњаници

09/07/2025  17:54

На конкурсот за учество на традиционалниот коњички марш што го организира Здружението на граѓани од Горно Лисиче „Илинденски марш 1978“ по 47. пат по повод најголемиот македонски национален празник – Илинден, годинава се пријавија околу педесетина коњаници.

Коњичкиот марш, како што соопштија од здружението, традиционално стартува од паркот „Јане Сандански“ во Општина Аеродром кога на коњаниците им се предава општинското знаме, а крајната дестинација е Крушево, каде што треба да стигнат на 2 август. Коњаниците придружувани од фаланга и игроорци од КУД „Никола Јонков Вапцаров“, со звуците на зурлите и тапаните се упатуваат кон црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче, минувајќи низ главните булевари на општината.

Пред испраќањето на илинденците, секоја година се одржува свечена литургија, по што традиционално се организира и богата музичка програма со настап на познати македонски естрадни уметници.

Покровител на коњичкиот марш е претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, а Општина Аеродром финансиски ќе го поддржи настанот како една од најголемите и најзначајните манифестации во Аеродром, со цел да продолжи негата традицијата и македонската култура, се вели во соопштението од „Илинденски марш 1978“.