
Преку Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) државава во август годинава исплатила 1.200.875.741 денари (19,5 милиони евра) на конзорциумот „Бехтел“ и Енка“, изведувач на автопатските делници на коридорите 8 и 10д (Тетово-Гостивар, 18 километри), (Гостивар-Букојчани, 30 километри) и (Прилеп-Битола, 40 километри).

Од почетокот на годинава, кон „Бехтел и Енка“ имаше две исплати во април, од 599.794.350 денари и од 524.972.228 денари, како и по една во мај од 681.026.665 денари во јуни од 830.336.364 денари и во јули 1.022.217.192 денари.
Според Извештајот од надзорот за прогрес на работите, што го објави ЈПДП на својата веб-страница, во август годинава изведувачот продолжил да извршува работи главно за геотехнички истражни работи, дизајн и спецификации на автопати, дизајн на експропријација, привремени работи за управување со сообраќајот, уривање и отстранување на постоечки објекти и други елементи на патот и градежни активности главно за земјени работи, дренажа и конструкции.
– Во текот на целиот проект, треба да бидат преместени или заштитени повеќе од 300 постоечки комунални водови. Од август 2025 година, специјализирани изведувачи назначени од страна на Работодавачот се ангажирани во фаза на проектирање за преместување и заштита на комуналните услуги, вклучувајќи водоснабдување, наводнување, канализација, телекомуникации и електрични водови со низок до среден напон. Тендерскиот процес за проектирање и изведување работи поврзани со високонапонски електрични водови сè уште е во тек, се вели во Извештајот.
Како што е наведено, продолжуваат почнатите активности за поставување столбови, темели, греди на мостови, надвозници и подвозници за делниците Тетово-Гостивар, Гостивар Букојчани и Прилеп Битола. Се работи на шест мостови, четири надвозници и три подвозници.
Во активностите, изведувачот заклучно со јули ангажирал 2090 лица и 1202 градежни машини.
Како што објави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски по увидот во изградбата на автопатот Тетово-Гостивар, на почетокот на месецов, на делниците 1 и 2 (Гостивар-Тетово и Гостивар-Букојчани) работат околу 1200 лица и вклучени се повеќе од 750 различни машини и механизација. Во наведните бројки вклучени се и подизведувачите.
– Во моментов 60 проценти од снабдувачите и 90 проценти од подизведувачите се домашни компании, изјави Трајановски.
Активности на терен согласно со Договорот со „Бехтел и Енка“ во вредност од 1,3 милијарди евра се спроведуваат од 22 април 2023 година. Се уште нема работи за третата делница Требеништа – Ќафасан (22 километри), каде треба да се ревидира трасата за да се зачува заштитениот статус на Охридско Езеро и регионот. Од почетокот на годинава, кон „Бехтел и Енка“ имаше две исплати во април, од 599.794.350 денари и од 524.972.228 денари, како и по една во мај од 681.026.665 денари во јуни од 830.336.364 денари и во јули 1.022.217.192 денари. Заклучно со минатата година, пак, беа исплатени 261 милион евра.