Skip to main content
Македонија

За девет месеци на ГП „Џепиште“ кај Дебар минале 36 938 патници или девет отсто повеќе споредено со лани

15/10/2025  10:58

Во периодот јануари-септември годинава зголемена фрекфенција е регистрирана на граничниот премин „Џепиште – Требиште“, на македонско – албанската граница, кај Дебар, кој е втор премин на овој дел од границата, покрај ГП „Блато“.

платено политичко рекламирање

-На овој премин, кој е од регионален карактер, за девет месеци регистриран е вкупен проток од 36 938 патници што е за девет отсто повеќе споредно со истиот период минатата година, кога преку преминот минале 33 890 патници. Тоа значи дека ова е највисока фрекфенција до сега, изјави за МИА, Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.

Од вкупниот број, македонски државјани кои оствариле влез/излез се 2 457,  дедека 34 481 се албански државјани односно жители на областа Голо Брдо, бидејќи  право да го користат, овој премин,  имаат само жителите од граничниот регион, што подразбира оние од дебарскиот регион и областа Голо Брдо, од албанска страна.

Најголем проток на патници е забележан во август, 6.441, а од нив домашни се 448,  а 5 993 албански државјани поради доаѓањето на иселениците од областа во своите родни места.

Преминот беше отворен во мај 2013 година, во летниот период, односно од први април до 31 октомври, работи од 8 до 20 часот, додека во останатиот период, односно од 1 ноември до 31 март, од 8 до 18 часот.

Македонското друштво „Илинден“ – Тирана, неодамна повторно го актуелизира барањето македонската и албанската влада, да го реализираат договореното, на заедничката седница, одржана во Поградец на 15 декември 2017 година. Тогаш беше донесена одлука, овој премин да работи 24 часа, што според друштвото, меѓу другото, ќе услови поголем број туристи да ја посетуваат областа, која располага со многу природни убавини и културно историски споменици.