Skip to main content
Балкан

За 72 часа Санторини го погодија 39 земјотреси посилни од 4 степени според Рихтер, околу 9.000 луѓе го напуштија островот

04/02/2025  08:50

Сеизмичката бура на Санторини не престанува. Познатиот грчки остров во последните 72 часа го погодија дури 39 земјотреси посилни од четири степени според Рихтеровата скала.

Како што пренесува грчкиот портал „Прототема“, овој остров во Егејското Море го напуштиле околу 9.000 туристи и жители кои стравуваат дека овие земјотреси се увертира за катаклизмичен удар.

Претходно во понеделникот грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ги повика жителите на Санторини да останат смирени и „да ги слушаат упатствата на Цивилната заштита“.

„Мораме да управуваме со многу интензивен геолошки феномен. Побарав од ресорното министерство да изготви научен преглед на феноменот во следните неколку дена за сите да знаат со што се соочуваме“, рече тој.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појавија снимки од пренатрупани патишта кои водат до главното пристаниште каде што се закотвуваат фериботите.