
Најголемата светска платформа за видеостриминг, YouTube, од 22 јули ќе воведе нови правила кои значително ќе ги ограничат помладите корисници што сакаат да емитуваат содржини во живо.
Според соопштението објавено на официјалната страница за поддршка на YouTube, минималната возраст за корисниците кои сакаат да стримуваат без присуство на возрасна личност се зголемува од 13 на 16 години. Досега, на децата под 13 години им беше дозволено да стримуваат само доколку беа придружувани од полнолетна личност, но отсега тоа правило ќе важи и за сите корисници на возраст од 13 до 15 години.
Платформата предупредува дека сите кои нема да го почитуваат новото правило, а имаат под 16 години и продолжат со емитување без надзор, ризикуваат да им бидат ограничени функции како што се „live chat“ или пак привремено да им се укинат други алатки за пренос во живо. Во случаи на обиди за заобиколување на ограничувањата, можно е и трајно бришење на каналот.
Од YouTube истакнуваат дека сите канали кои ќе бидат погодени од новите мерки ќе добијат официјално известување по електронска пошта, доколку нивниот пренос во живо биде отстранет. Дополнително, нема да биде дозволено префрлање на стримингот на друг канал поврзан со истиот корисник.
Сепак, младите креатори кои сѐ уште не наполниле 16 години ќе можат да продолжат со стримување, но само доколку овластат возрасна личност како уредник, менаџер или сопственик на каналот. Таа личност ќе може да го започне преносот од поврзан профил, без задолжително користење на Live Control Room, како што беше случај досега. Сепак, платформата потенцира дека возрасната личност мора да биде „видливо присутна“ и активно вклучена во преносот.
Новите измени се дел од поширока стратегија на YouTube за зголемена безбедност на помладите корисници, но истовремено се очекува да имаат значителен ефект врз младите креатори кои веќе имаат изградено голема публика и влијание на платформата.