
Иако денес речиси секој има инсталирано WhatsApp, компанијата најде решение и за оние што ја немаат апликацијата, а сепак сакаат да се допишуваат.
Во новата бета верзија на апликацијата (2.25.22.13), WhatsApp тестира „гостински разговори“ – функција што би им овозможила на корисниците да започнат разговор со лица кои немаат WhatsApp-сметка.
Како што дознава порталот WABetaInfo, гостинските разговори функционираат така што корисникот може да испрати линк за разговор преку СМС, е-пошта или социјални мрежи до лице што нема инсталирано WhatsApp. Со кликнување на тој линк, примачот се пренасочува на страница слична на WhatsApp Web, каде што може да се допишува.
Иако ова звучи корисно, треба да се има предвид дека гостинските разговори имаат одредени ограничувања. На пример, нема да биде можно испраќање фотографии, видеа, GIF-ови, гласовни пораки, ниту пак да се остваруваат видео повици. Разговорите се ограничени исклучиво на текстуална комуникација, што значи дека за допишување реално може да се користи и – СМС.
Како и да е, оваа новина најверојатно е воведена како дел од мерките на Европската Унија за интероперабилност на платформите, кои бараат различните онлајн услуги да можат меѓусебно да комуницираат.