Skip to main content
Балкан

Вучиќ за нападите во Ниш: Нема да дозволиме Србија да тоне во хаос

21/03/2025  23:11

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, остро реагираше на насилните инциденти што денеска се случија во Ниш, каде што, според него, приврзаници на опозицијата нападнале учесници на јавна расправа организирана од Српската напредна странка (СНС).

„Денеска во Ниш се случи нешто што не смееме да го дозволиме – вистинско фашистичко дивеење. Луѓето беа бркани, навредувани и физички нападнати само затоа што имаа поинакво мислење. Ова го споредувам со настаните од 1930-тите, кога екстремисти во Европа прогонуваа луѓе врз основа на нивните ставови“, изјави Вучиќ во гостување на ТВ Пинк.

Повредени повеќе лица, нападнати жени

Претседателот откри дека во нападите се повредени најмалку десет лица, од кои две жени – Данијела Крстиќ и Тамара Милиќ – се здобиле со тешки телесни повреди. „Во неколку наврати фрлаа со камења и ја удираа Данијела Крстиќ, мајка и баба. Ваков варваризам е недозволив“, рече Вучиќ.

Тој потенцираше дека насилниците особено ги таргетирале жените. „Ова не е првпат овие групи да покажат омраза кон жените. Особено ги мразат мајките, сестрите, ќерките, сопругите, а тоа го покажаа и денеска. Се радуваат кога напаѓаат жени, а тоа не е чудно кога ќе ги погледнете нивните полициски досиеја“, додаде Вучиќ.

Обид за радикализација и дестабилизација на земјата

Според српскиот претседател, нападите во Ниш не биле спонтани, туку однапред организирани. „Од понеделник или вторник најавуваа насилство, повикуваа на крв и планираа како да напаѓаат луѓе. Ова е очаен обид на оние што гледаат дека ја губат поддршката“, нагласи Вучиќ.

Тој предупреди дека нема да дозволи Србија да биде втурната во хаос: „Овие луѓе сакаат да ја радикализираат ситуацијата бидејќи гледаат дека народот не ги следи. Но, нема да им успее. Србија е држава на ред и закон, а не на анархија“.

„Ќе победи пристојната Србија“

На крајот, Вучиќ порача дека сите одговорни за денешното насилство ќе бидат санкционирани. „Секој што кренал рака на невини граѓани ќе одговара. Пристојната Србија ќе победи, а ние нема да дозволиме државата да биде киднапирана од насилници“, заклучи тој.