Skip to main content
Балкан

Вучиќ ги прогласи судските закони и покрај острите реакции од Европската комисија

30/01/2026  19:04

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска ги потпиша указите за прогласување на пакетот судски закони, кои Европската комисија ги оцени како сериозен чекор наназад во европската интеграција на земјата. Со потписот на шефот на државата, законите што претходно беа изгласани во српскиот парламент на 28 јануари, официјално стапија во сила. По нивното усвојување, Европската комисија упати повик до српските власти во најкраток рок да ги преиспитаат законските решенија и да ги усогласат со европските стандарди. Од Брисел оценуваат дека измените директно ја загрозуваат независноста на судската власт, како и автономијата и работата на обвинителствата.

Европската комесарка за проширување, Марта Кос, нагласи дека од земја кандидат за членство во Европската унија се очекува одговорно и транспарентно постапување. Според неа, усвојувањето на законите по забрзана постапка, без јавна дебата и консултации, претставува сериозен чекор назад за Србија. Во меѓувреме, опозициските партии во Србија предупредија дека вистинската цел на законските измени е зголемување на политичкото влијание врз судството и намалување на независноста на јавните обвинителства. Тие реагираа и на фактот што во собраниската процедура беа одбиени сите амандмани поднесени од опозицијата на измените на законите за јавно обвинителство, судиите, како и на законот што ги уредува седиштата и надлежностите на судовите и обвинителствата.