
Претседателот на владејачката Српска напредна партија, Милош Вучевиќ, денеска изјави дека верува оти апсењата во врска со наводните планови за уривање на уставниот поредок не се завршени. Во изјава за белградски медиуми тој додаде дека безбедносните служби мора да ги идентификуваат „сите“ кои, според него, планираат насилно преземање на власта.

Тој вели дека тие апсења „најдобро потврдуваат дека земјата се консолидирала по осум месеци обид за обоена револуција“.
Српското Министерство за внатрешни работи објави синоќа дека се уапсени шест лица под сомнение за планирање „насилна промена на власта“ во Србија.
„Собирањето … докази не беше лесно, но покажува дека нашите служби имаат навремени информации за тоа што се подготвува“, рече Вучевиќ, кој е и советник на претседателот на Србија за регионални прашања. Тој оцени дека снимката од разговорот на приведените лица, што беше емитувана синоќа на неколку провладини телевизиски станици, не ја загрозува истрагата.
Студентите во блокада на високообразовните институции во Белград денеска најавија дека собирот за протестот на 28 јуни ќе биде во 18 часот на плоштадот Славија. Тие испратија и отворено писмо до Владата на Србија во кое бараат до 28 јуни во 21 часот да бидат исполнети две барања: да се распишат вонредни парламентарни избори и да се запре „наводно пријавениот собир во Пионирски парк“.