Skip to main content
Балкан

Вучевиќ: Оние кои сакаат отцепување на Војводина протестите ги гледаат како можност за нивните планови

03/02/2025  10:51

Српскиот премиер Милош Вучевиќ денеска изјави дека брановите протести се можност опозицијата која сака отцепување на Војводина да ги стави на маса ваквите планови, додавајќи дека предводници на тоа се Горан Јешиќ и Динко Грухоњиќ.

Вучевиќ за ТВ Пинк изјави дека ова прашање не се појавило одеднаш и дека оние кои сонуваат за тоа и политички се борат за такво сценарио виделе можност по трагедијата од 1 ноември минатата година.

„Брановите протести се можност да ги донесат овие проекти на маса. Тоа нема никаква врска со трагедијата“.

Вучевиќ, рече дека СНС е „можеби за нијанса поблиску“ до излегување на избори отколку до формирање нова влада.

„Ќе донесеме одлука за десет дена, две недели. И двете опции имаат предности, нема да речам недостатоци, но и одредени предизвици. Можеби сме за нијанса поблиску до одење на избори отколку до нова влада, но тоа не значи дека тоа е конечната одлука. Имаме и круг на консултации во рамките на СНС и со коалиционите партнери. Дел од коалиционите партнери веќе се изјаснија дека се за новата влада. Тие мислат дека треба да избереме нова влада“, рече Вучевиќ.

Како што истакна, ќе ги разгледаат сите аспекти.

-Ќе разгледаме што носат двете опции – што носат нови избори или што носи изборот на нова влада. Нема да се водиме од партиски интереси. Тоа го покажавме со овој чин на оставка. Но, кој е интересот на Србија, на граѓаните на Србија, што може да не доведе до смирување, да речеме, на тензиите во општеството или барање социјален дијалог – рече Вучевиќ.