Skip to main content
Македонија

Втор инцидент со обезбедувачите на премиерот – постојат ли криминални врски со подземјето?

01/04/2025  08:36

Новиот скандал со член на обезбедувањето напремиерот, Христијан Мицкоски, ја отвори темата за составот и улогата на неговото лично обезбедување и нивните врски со подземјето. Ангел Самараков, поранешен вработен во МВР, беше фатен како оддава доверливи информации на лица од скопската населба Грчец, позната по присуството на организирани криминални групи. Информацијата беше потврдена од МВР откако дел од медиумите почнаа да шпекулираат за настанот.

Ова не е прв случај член на тимот што го обезбедува Мицкоски да биде вмешан во сериозен инцидент. Само неколку месеци претходно, шефот на неговото обезбедување, Ивица Б., физички нападна колега полицаец кој извршувал службени дејствија во раните утрински часови. Според информациите тогаш, полицијата сакала да изврши претрес во познат скопски локал за кој постоеле сомнежи за поврзаност со трговија со дрога. Ивица Б., кој бил присутен во локалот, наводно се обидел да ја попречи акцијата и бил приведен веднаш по инцидентот.

Двата случаи отвораат сериозни прашања: Кои се луѓето што го обезбедуваат премиерот? Кој ги избира и по какви критериуми? И што е поважно – дали нивното однесување укажува на подлабока врска помеѓу делови од политичката структура и организираното подземје?

Фактот дека двајца членови на најтесното обезбедување на Мицкоски се поврзуваат со кривични инциденти – едниот со физички напад врз полицаец за време на операција против дрога, другиот со оддавање службени тајни на групи врзани со трговија на дрога – не може да се сведе на „изолирани случаи“. Ваквите настани оставаат впечаток на системски проблем и ја разгоруваат дебатата за безбедносната култура во политичките кругови.

Во моменти кога главната дебата и барање на граѓаните е „ресетирање на системот“, ваквите настани влеваат уште поголема недоверба во институциите. Кога луѓето кои се секојдневно во најблиското опкружување на премиерот се вмешани во скандали со потенцијални елементи на криминал, тоа неминовно ја поткопува и така ниската доверба на јавноста.