Skip to main content
Живот

Врската помеѓу алергиите и ракот на белите дробови: Нови сознанија од мета-анализа

21/07/2025  09:42

Неодамнешно истражување објавено во „Frontiers in Medicine“ ја испитува врската помеѓу алергиските болести и ризикот од развој на рак на белите дробови.

Ракот на белите дробови е еден од најчестите видови рак во светот, со околу 2,26 милиони случаи пријавени во 2019 година, при што бројот на случаи и смртни исходи е зголемен за 26% во 2010 и за 20% во 2019 година.

Во исто време, алергиите се препознаваат како значаен здравствен проблем во развиените и земјите во развој. Истражувањето покажува дека врската помеѓу алергиите и ризикот од рак на белите дробови варира во зависност од видот на алергијата. На пример, астмата е поврзана со зголемен ризик од рак на белите дробови и затоа е исклучена од оваа мета-анализа за да се избегне влијание врз резултатите. Од друга страна, алергискиот ринитис (АР) и екземата можат да го намалат ризикот.

Според една хипотеза, алергиите го намалуваат ризикот од рак преку зголемена имунолошка будност посредувана од имуноглобулин Е (IgE), што може да ги елиминира малигните клетки во рана фаза. Спротивно на ова, друга хипотеза сугерира дека хроничната имунолошка стимулација може да предизвика мутации во клетките, зголемувајќи го ризикот од рак.

Мета-анализата вклучила 10 студии, избрани од базите на податоци Web of Science, Embase, Cochrane Library и PubMed, со вкупно над 3,8 милиони учесници. Студиите биле од типот случај-контрола или кохортни, а квалитетот им бил оценет со скалата Newcastle-Ottawa. Дијагнозите за алергиски ринитис и екзема биле утврдени преку мерења на IgE во серум или прашалници, додека ракот на белите дробови бил дијагностициран преку патолошка хистологија или кодови од Меѓународната класификација на болести (ICD-9 или ICD-10).

Резултатите покажале дека алергиските болести се поврзани со 25 отсто помал ризик од рак на белите дробови. Конкретно, алергискиот ринитис е поврзан со 26 проценти помали шанси за рак на белите дробови (OR 0,74, 95% CI: 0,64–0,86), додека за екземата не е утврдена статистички значајна врска (OR 0,73, 95% CI: 0,51–1,06). Кај мажите, алергиските болести се поврзани со 44% помали шанси за рак на белите дробови, а кај жените со 29% помали шанси. Кај мажите е забележана и негативна корелација помеѓу екзема и ризикот од рак на белите дробови, додека кај жените таква врска не е утврдена за алергискиот ринитис.

Студиите спроведени во Америка покажале негативна корелација помеѓу алергискиот ринитис и ризикот од рак, но не и за егземата.

Ограничувањата на студијата се состојат во тоа што вклучуваат мал примерок, ограничена генерализација поради претежно американската популација на учесници и можни грешки од самоизвестувачки дијагнози. Истражувачите нагласуваат дека се потребни дополнителни студии за да се разберат механизмите на оваа поврзаност и да се подобрат стратегиите за превенција.