
Албанската опозиција продолжува да реагира на најавите за нов попис на населението во 2026 година. ДУИ потсетува дека уште во 2022-та, кога беше во опозиција, Христијан Мицкоски ветил дека веднаш штом дојде на власт ќе организира „електронски попис“ за да ги „исправи“ резултатите, бидејќи не ги прифаќал поради тоа што Албанците сочинуваат 29,5% од вкупното население.
„Албанците не се наивни и никогаш нема да прифатат да бидат предмет на „дигитален инженеринг“ од страна на власта ,без оглед на тоа што во таа операција активно учествуваат и Албанци од ВЛЕН. Овие обиди нема да поминат. За тоа ги уверуваме и Албанците, но и тие што стојат зад овие опасни обиди за иднината на државата.“, велат од ДУИ.
Алијансата за Албанците, предводена од Арбен Таравари, вели дека идејата за попис во 2026 година претставува иницијатива за демографски масакр врз Албанците.
-Оваа најава, во актуелни политички услови, не е само техничка постапка, туку опасен и намерен чекор, кој има за цел да ја деформира реалната процентуална застапеност на Албанците и претставува флагрантно кршење на меѓународните статистички стандарди и насоките на Евростат, според кои пописите треба да се спроведуваат на 10 години-велат од АА Таравари.
На овие обвинувања одговори првиот вицепремиер Изет Меџити и коалицијата ВЛЕН. Меџити на Фејсбук напиша дека ја разбира нервозата на ДУИ кога се отвора темата за пописот, бидејќи, како што изјави, токму ДУИ ги бришела Албанците од градовите и селата.
-Тие најдобро знаат дека додека се спроведуваше операцијата на бришење на Албанците, се занимаваа со операции на збогатување и не ги интересираше ништо друго. Сега, преку лажен патриотизам на Фејсбук, се обидуваат да ги одбранат своите лаги. ДУИ, со деструктивните политики, освен што исели стотици илјади луѓе надвор од државата, ги избриша и оние што останаа во албанските подрачја од евиденцијата.“, изјави Меџити.
Од коалицијата ВЛЕН возвратија со прашање зошто, дури и по одлуката на Уставниот суд, со која беше укината поделбата на резиденти и нерезиденти, ДУИ не кажува кој ја донел одлуката да се избрише албанската дијаспора и за каква цена биле продадени Албанците во тој пазар?
-Коалицијата ВЛЕН ќе бара кривична одговорност за сите оние кои, без никаква правна основа, ја измислија категоријата “нерезиденти“, пречекорувајќи ги своите надлежности и намерно исклучувајќи ја дијаспората од официјалните податоци-велат од ВЛЕН.
Од ВЛЕН исто така појаснуваат дека не е разговарано за организирање нов попис пред редовниот рок и дека нема да има нов попис следната година. Секој нареден попис, според ВЛЕН, треба да биде резултат на длабински анализи и политички консензус. Тие нагласуваат дека следниот попис ќе ги исправи измамите на ДУИ и СДСМ и ќе овозможи правичен, инклузивен и од сите страни прифатен процес.