Skip to main content
Македонија

ВРЕДИ: Дали Арсовска даде заклетва пред граѓаните или пред Беџети?

13/06/2025  20:29

Прес конференција на ВРЕДИ:

Почитувани,

Пред само неколку дена, на нашата прва прес-конференција од 3 јуни, ја повикавме градоначалничката Данела Арсовска конечно да каже кој е вистинскиот сопственик на огромната дивоизградена зграда во Сарај и зошто Град Скопје не презема ништо против урбаната империја на нејзиниот пријател Блерим Беџети. 

Наместо одговор – добивме молк. Денес ѝ се обраќаме повторно, со нови факти што го прават нејзиното молчење уште поосомничено.

Г-ѓо Арсовска, не се огласи ниту со збор:

Дали госпоѓо Арсовска штитите приватен интерес или личен – поврзан со Беџети?

На кого сте дале заклетва за работа: на граѓаните на Скопје или на дивата бизнис-империја на вашиот близок пријател Блерим Беџети?

Тишината ве претвора во соучесник. Ние знаеме дека сте, ама вака дознаваат и граѓаните.

Пет конкретни точки што бараат јасен одговор од вас

Новите документи покажуваат дека:

Изводот од урбанистички план (19.09.2022) веќе е оспорен. Дали постои државна постапка за негово поништување, дали е поништен и зошто Град Скопје не се приклучил?

Инспекциската контрола е направена. Кој е записникот, кој е инспекторот, а кој го чува во фиока? Од што се плашите?

Одобрението за градба морало да биде поништено веднаш по поништувањето на изводот. Дали Општина Сарај и Град Скопје тоа го сториле – или некој притиска да се продолжи градбата?

Изведувачот останал без лиценца. Како е можно нелиценцирана фирма да продолжи да ѕида без реакција од градските служби?

Катастарот е известен за незаконски упис. Дали е избришан тој упис – или си молчите за да стане објектот „факт на терен”?

Овие пет точки не се нова листа барања; тие се логично продолжение на прашањата што веќе ви ги поставивме . Вашиот одговор – или одбивањето да одговорите – ќе покаже дали сте градоначалничка што го брани јавниот интерес или адвокат на приватен бизнис-картел.

Нашето јасно барање

Објавете ги сите документи – решенија, инспекциски записници, дописи со Катастар и со надлежните министерства – и образложете зошто цел апарат на Град Скопје молчи кога станува збор за Блерим Беџети.

Г-ѓо Арсовска, прашањето е едноставно: Што штитите, за кого работите и од што бегате?

Колку подолго молчите, толку поочигледна е врската со дивата бизнис-империја во Сарај.

ВЛЕН нема да отстапи додека институциите не постапат и јавноста не ги добие одговорите што ги заслужува.