Skip to main content
Скопје

Вработените во „Флораком“ и „Луна“ повторно на протест: „Сакаме плата, не молби“

29/10/2025  15:37

Со паролата „Плата за вас, плата за нас“, вработените во фирмите „Флораком“ и „Луна“, кои се ќерки компании на ЈП „Паркови и зеленило“, и денеска излегоа на протест пред просториите на јавното претпријатие. Со свирежи и извикувања „сакаме плата“, тие уште еднаш го изразија својот револт поради неплатената плата за месец септември, непокриеното здравствено осигурување и недостигот од основни услови за работа.

Протестантите повторно го повикаа раководството на „Паркови и зеленило“ и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, да преземат мерки за решавање на нивните проблеми.

„Секојдневно бараме прием кај директорот на ‘Паркови и зеленило’ и Управниот одбор, но веќе еден месец нема слух за нас. Исто така, бараме прием и кај градоначалничката на Град Скопје, како најповикана да обезбеди средства за работа и за плати. Ќе протестираме сè додека не се исплати барем платата“, изјави Горан Ристески, претседател на Гранскиот синдикат на државна администрација.

Според вработените, раководството воопшто не сака да контактира со нив, а тврдат дека и покрај тоа што го чекале директорот пред неговата канцеларија, тој воопшто не се појавил. Се надеваат дека по завршувањето на изборниот процес ќе најдат разбирање и кај новото раководство и кај новиот градоначалник.

„Ни се смачи веќе да бараме плата. Веќе е ноември, а ние сè уште чекаме плата за септември. Луѓето имаат сметки, кирија, деца што треба да ги школуваат. Ова е срамота. Нема преговори, нема дијалог, нема ништо од другата страна. Не знам во која насока ќе се движи ова“, изјави Атанас Георгиевски, претседател на Независниот синдикат на „Паркови и зеленило“.

Синдикатите на „Флораком“ и „Луна“ веќе формираа штрајкувачки одбор, но одлуката за штрајк моментално е ставена во мирување, бидејќи не е завршен процесот на мирно решавање на работните спорови. Доколку нивните барања не бидат исполнети, најавуваат дека по исполнувањето на законските услови ќе стапат во штрајк.