Skip to main content
Свет

Војната со Иран го чини Израел 2,63 милијарди евра неделно

04/03/2026  20:35

Се проценува дека војната со Иран ќе ја чини израелската економија околу 9,4 милијарди шекели (2,63 милијарди евра) неделно, доколку ограничувањата што се воведени низ целата земја останат на сила, соопшти денеска израелското Министерство за финансии.

Командата на Домашниот фронт на Израелски одбранбени сили (ИДФ) во понеделникот ги продолжи ограничувањата до сабота навечер, објави 4news.mk Тие подразбираат забрана за сите собири, образовни активности и присуство на работните места и важат за сите, освен за компаниите од наменската индустрија, пренесува The Times of Israel.

Генералниот секретар на израелското Министерство за финансии, Илан Ром, испратил писмо до началникот на Командата на Домашниот фронт, генерал-мајор Шај Клапер, со барање ограничувањата да се ублажат и да се премине на ограничени активности, со цел уште од утре да се овозможи постепено и делумно отворање на економијата.

„Нема спор околу потребата да се зачува одбранбена политика прилагодена на безбедносната состојба, но истовремено, затворањето на економијата во големи размери подразбира значителни економски трошоци“, порача Ром.

Тој посочи дека на Израел му е потребно решение што ќе даде одговор и на безбедносните потреби на домашниот фронт и на потребите на економијата, потсетувајќи дека израелската економија веќе две и пол години плаќа висока цена поради зголемените безбедносни потреби и последиците од војната со Хамас во Појасот Газа.