
На вечерта на 7 јули, полицијата во Велес лоцираше 15-годишно девојче од Република Србија, кое во својата земја било пријавено како исчезнато. Според информациите од СВР Велес, малолетничката била пронајдена во домот на 30-годишна жена од градот.

„На 07.07.2025 околу 22 часот, постапувајќи по барање на Интерпол-Србија за исчезната 15-годишна малолетничка од Република Србија, полициски службеници од СВР Велес ја пронајдоа малолетничката во домот на 30-годишната Р. Д. од Велес. Во присуство на социјален работник од Центарот за социјални работи Велес, извршен е разговор со малолетничката“, изјави портпаролката на СВР Велес, Биљана Ѓаковска.
Според кажаното од страна на девојчето, таа доброволно дошла во Велес со намера да се омажи со малолетно момче од градот.
За случајот бил веднаш известен јавен обвинител, а по интервенција на Амбасадата на Србија, девојчето било безбедно вратено кај своите родители во Србија.
Надлежните институции од Македонија и Србија продолжуваат со тесна соработка со цел целосно расветлување на околностите под кои дошло до доаѓањето на малолетничката во земјава, како и евентуалните пропусти или кривични дела кои можеле да бидат извршени во процесот.