
Од основно училиште во Велес, денеска пријавиле во полиција дека ученик врзал друго дете со лисици и му вперил пластичен пиштол во главата.
На шестоодделенецот му бил одземен пиштолот, кој бил предаден на полицајци. За настанот бил известен јавен обвинител, Центарот за социјални работи Велес, а по целосно документирање на настанот ќе биде поднесен соодветен поднесок, информираат попладнево од СВР Велес .
Воедно од полицијата додадоа дека пиштолот бил испратен на вештачење и ги чекаат резултатите од постапката.
Како што информира директорот на училиштето „Васил Главинов“, Драги Коцевски, ученикот од шесто одделение денеска дошол во училиштето со лисици и пиштол. Ги внел во класот и успеал на училишниот одмор да ги употреби. Тој со лисиците врзал соученик, по што го вперил пластичниот пиштол во него. Тоа создало паника кај останатите соученици, но и кај дежурниот наставник за време на одморот, кој веднаш го информирал директорот и класниот раководител.
Коцевски појаснува дека веднаш постапил, додека заедно со колегите согласно законот ја информирале полицијата и Центарот за социјални работи.
„Детето го фрли пиштолот и избега од училиште. Замина дома. Пријавувањето во полиција беше причина што во училишниот двор веднаш пристигнаа полицајците. Јас ги повикав неговите родители и службите ја започнаа постапката. Тие се надлежни за нејзино расчистување“, вели директорот Коцевски.