
Во Турција притворени се 27 лица под сомнение дека на социјалните мрежи објавиле провокативни коментари за апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, изјави денеска министерот за внатрешни работи Али Јерликаја.
Тој на платформата Икс објави дека осомничените „објавувале провокативни коментари за апсењето на Имамоглу кои поттикнуваат на злосторства и омраза“.
Јерликаја наведе и дека турските власти идентификувале 261 спорни објави на социјалните мрежи, од кои 62 од странство. Во првите 24 часа по апсењето на Имамоглу на Икс се објавени повеќе од 18 милиони постови.
По апсењето на Имамоглу се одржаа протести во Анкара, Истанбул и Измир.
И покрај четиридневната забрана за јавни собири и протести, што е во сила до 23 март, илјадници студенти синоќа се собраа во кампусот на Универзитетот во Истанбул поради притворањето на градоначалникот на Истанбул и 105 членови на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП).
На Имамоглу му е одреден притвор во истрага за корупција. Обвиненијата против Имамоглу вклучуваат сомнение за членство во криминална организација, изнуда, поткуп, измама, местење тендери и помагање на забранетата терористичка група Курдска работничка партија (ПКК).
Дел од студентите во Истанбул се судрија со интервентната полиција, а голем дел од нив маршираа до Општината, додека главниот турски синдикат ги повика членовите да излезат пред полициската станица, каде е притворен Имамоглу.
И на протестите во Анкара имаше судири со полицијата, а приведени се демонстранти.
Одлуката за негово приведување уследи откако Универзитетот во Истанбул објави дека ја поништува неговата диплома поради наводни неправилности. Поништувањето на дипломата се случи неколку дена пред ЦХП да го избере Имамоглу за свој кандидат на следните претседателски избори. Според турските закони, без валидна факултетска диплома, Имамоглу не може да се кандидира за претседател.
Имамоглу оцени дека одлуката на Универзитетот е незаконска и дека ќе ја оспори на суд.
Имамоглу, кој во 2019 година беше избран за градоначалник на Истанбул, е еден од најголемите политички ривали на актуелниот претседател Реџеп Тајип Ердоган. Следните претседателски избори се планирани за 2028 година.