Skip to main content
Култура

Во Тирана изложба и промоција на монографија посветена на македонското културно богатство

26/04/2025  10:41

Во рамки на манифестацијата „Недела на македонската култура”, синоќа во македонскиот културен центар-Нобис во Тирана, беше отворена изложба на слики со традиционални македонски носии.

Исто така беше одржана и промоција на книгата „Монографија за македонската народна носија“ на авторот Владимир Јаневски, посветена на овие културни богатства.

– На изложбата и промоцијата на „Монографија на македонски народни носии“, од Проф. д-р Владимир Јаневски беа преставени парчиња облека и приказни, живи сведоштва на македонската историја, традиција и идентитет, објави Амбасадата на Република Македонија во Тирана.

Се додава дека секоја носија е расказ сама по себе – за љубовта, трудот и вештината на нашите предци.

– Ткаени и везени со раце, срце и душа, симболи кои пренесуваат пораки за припадност, убавина и духовност. Боите, орнаментите, материјалите – кои не биле избирани случајно, во себе носат значење од генерација на генерација. Изложените носии се сведоштва за богатството на македонската народна уметност и разновидност на регионите, со своја приказна, своја боја и глас, се оценува во објавата.

Во монографијата може да се воочи длабокото истражување на традиционалната облека, со прецизна документација и анализа на носиите со усни сведоштва на современи сведоци, при што авторот успеал детално да ги прикаже комплетните носии и специфични предмети користени од крајот на 19-тиот до почетокот на 20-тиот век.

– Оваа изложба нека биде потсетник дека минатото не треба да го заборавиме, туку да го негуваме и споделуваме со новите генерации. Нека нѐ потсети дека корените се силни и од нив расте нашата иднина, се нагласува во објавата.

Монографијата е сеопфатно дело кое опфаќа повеќе од три децении посветено истражување и теренска работа од доменот на материјалната култура особено фокусирајќи се на традиционалната македонска облека.

Манифестацијата „Недела на македонската култура“, која првпат се одржува во Тирана, свечено беше отворена на 23 април, а завршува утре.