
По прв пат во Тетово се одржува Балканското првенство во одбојка на песок за играчи до 22 години. Натпреварите се играат на градскиот плоштад овие три дена од 25 до 27 јуни. Покрај македонската репрезентација учествуваат уште одбојкари и одбојкарки од Албанија, Косово, Турција, Романија и Молдавија.

– Ова е еден од најдобрите моменти па да се организира еден ваков спорт и од самиот интерес на граѓаните на граѓаните на Тетово излегува дека ова ќе биде долго паметено затоа што ваков вид на спорт и конкуренција не е организирано долго време. Се надеваме дека вакви настани ќе организираме и понатаму и ова ќе стане традиција во Тетово, изјави тетовскиот градоначалник Биљал Касами на вчерашното свеченото отворање на првенството.
Министерот за спорт Борко Ристовски посочи дека овој настан е порака за соединување на сите заедници коишто живеат во Македонија, промовирање на спорт на вистински вредности.
– Драго ми е што граѓаните на Тетово ќе може да уживаат во се она што ќе се случува во идните неколку дена во Тетово. Со големо срце и со драга волја Министерството за спорт поддржува и финансира вакви настани, коишто пак ќе повторам значат промовирање на вистински вредности на мостови коишто треба да не обединуваат сите и да заедно градиме една поубава држава за сите граѓани, без разлика од кој ентитет живеат во Македонија ќе може да уживаат и во вакви спортски настани, кои што значат многу во разубавувањето и создавање на една заедница, посочи Ристовски.
На плоштадот е поставена песочна подлога и монтажни трибини за следење на натпреварите. Дуелите помеѓу репрезентациите се одвиваат во два термини од 9 до 11 часот и од 17 до 22 часот. Во петок се финалните натпревари.