
Адвокатот и поранешен судија Владимир Туфегџиќ во емисијата „Трилинг“ остро говореше за состојбите во македонското судство, оценувајќи дека клучниот проблем не е ниската плата во правосудството, туку постоењето на мала, но влијателна група лица со изразен криминален менталитет.
Туфегџиќ ја поздрави работата на Јавното обвинителство во борбата против корупцијата и повика на поширока одговорност кај сите кои работат во правосудниот систем и судии, јавни обвинители и адвокати. Според него, без институционална и јавна поддршка за обвинителството, не може да има суштински напредок.
Осврнувајќи се на актуелните случаи, меѓу кои и предметот со судијата Ѓоко Ристов, кај кого беа пронајдени 350.000 евра заѕидани во ѕид, Туфегџиќ нагласи дека ја почитува пресумпцијата на невиност и не навлегува во конкретни правни оценки.
„Мора јасно да ја идентификуваме малата група луѓе кои се таргет на борбата против корупцијата. Тоа се лица со криминоген менталитет кои и со 10.000 евра плата би продолжиле со истото“, истакна Туфегџиќ.
Тој предупреди дека оваа група активно регрутира истомисленици меѓу судии, обвинители, адвокати, па дури и во полицијата, создавајќи мрежа за меѓусебна заштита.
Според него, токму ваквите појави се главната причина за недовербата на граѓаните во судството.
„Тие вршат притисок врз чесните луѓе во системот и создаваат атмосфера во која одлуките се носат од страв, а не врз основа на право и аргументи“, нагласи Туфегџиќ.
На крајот, тој повика Републичкото јавно обвинителство да изгради јасна стратегија и методологија за идентификација и системско расчистување на криминалното јадро кое, како што рече, со години го подрива кредибилитетот на правосудството.
