
Предлог-законот за семејствата на загинатите и повредените во трагедијата во Кочани денеска ќе го поднесеме во Собрание, вели лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), венко Филипче.
Законот, како што вели Филипче, предвидува финансиски надоместок за семејствата кои изгубиле членови, покривање на трошоците за лекување, како и поволности за децата кои губат настава.
„Изготвивме предлог-закон што мислам дека е добар, има финансиски надоместок за оние што изгубија членови на семејствата, за сите оние што имаат трошоци за лекување, има поволности за децата што сега губат настава, нешто од аспект на социјалата. Мислам дека е добро и квалитетно решение“, изјави Филипче.
Законот, според Филипче, се осврнува и на семејствата од претходните трагедии во Ласкарци, Тетово и „Беса транс“.
Тој ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да го поддржат законот и да се приклучат на дискусијата за негово подобрување.
„Имаше коментари за поднесувањето на законот од ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го поддржат и искрено мислам дека не е тоа знак дека не сакаат да им се помогне на семејствата. И во контекст на тоа што претходно го зборевме, а во смисла на неполитизирање на оваа трагедија во Кочани, еве сега јавно ги повикувам да седнеме да го разгледаме законот и да го поддржиме заедно, спремни сме ако треба и да се модифицира. Да им покажеме на граѓаните дека таква криза треба да не обедини и дека треба да работиме заедно да го унапредиме системот за да такви трагедии не се повторуваат. Предлог-законот нема за цел да ја политизираме трагедијата“, додаде Филипче.
Тој рече дека предлог-законот ќе биде поднесен во редовна собраниска процедура, со цел да се овозможи вклучување на повеќе чинители и давање коментари.
Овој предлог-закон Филипче го најави на крајот на минатиот месец, истиот ден кога пред Собранието имаше средба со семејствата на загинатите во трагедијата, кои во Скопје организираа протестен марш барајќи правда за своите најблиски.