
Републичкиот јавен обвините Љупчо Коцевски очекува обвинение за полициските службеници осомничени за пожарот во „Пулс“ околу септември.
-Таму предметот е се уште во истрага, со оглед дека нема притвор, има и законски рок за истрагата. Така да, се надеваме негде таму околу, да не дадам сега конкретни датуми, меѓутоа сигурно околу септември ќе се заврши истрагата, и тој предмет ќе се води во ОЈО за организиран криминал, со оглед дека тука нема проблем, надлежно ќе биде Кривичниот основен суд Скопје – рече Коцевски.
Тој ја повтори својата оценка во однос на буџетот на Јавното обвинителство изенесена во неговото обраќање на вчерашното продолжение на седницата на собрансиката Комисија за финансирање и буџет на која се расправа за ребалансот на Буџетот, дека вештачењата за Онкологија и за случајот за трагедијата во Кочани се мошне голем финансиски товар за обвинителството, бидејќи се работени во друга држава.
Сите оние вештачења кои се однесуваат за Кочани и кои се однесуваат за Онкологија веќе се изработени. Колку што имам информации за предметот Онкологија веќе е закажана главна расправа. Меѓутоа тие вештачења имаат одредени трошоци коишто се да речам вонредени трошоци имајќи во предвид дека се многу скапи со оглед дека се работи за вештачење во друга држава – рече Коцевски.
Во однос на предметот за трегедијата во Кочани, кој со одлука на Врховен беше доставен на оценка до Кривичниот суд во Скопје, тој кажа дека се уште се очекува оценка на обвинителниот акт, како и дека се размислува од страна на Републичкото обвинителство да се одлучи и по однос на надлежноста дали да остане ЈО Кочани или да се делегира на ЈО Скопје, со оглед за постапување по евентуалните жалби.
-Очекуваме обвинителниот акт да стапи на сила. Судот ќе изврши оценка на истиот, со тоа што сега од наша страна размислуваме дали ЈО треба да делегира друго ЈО имајќи предвид дека Врховниот суд одлучи дека ќе биде надлежен Основниот кривичен суд Скопје, со тоа што проблем, ако нема делегирање, ќе биде по жалби кој ќе одлучува, дали предметот ќе се доставува до Апелациониот суд Скопје, што и така треба, меѓутоа дали мислење ќе дава Вишото ЈО Скопје или Вишото ЈО Штип. Тоа останува на ЈО, односно на мене како Државен јавен обвинител да одлучам во однос на делегирањето на ЈО – додаде тој.