Skip to main content
Свет

Во подготвка е НАТО мисија на Гренланд

19/01/2026  19:23

Данска и Гренланд започнаа разговори за можна мисија на НАТО на Гренланд и поширокиот арктички регион, потврди данскиот министер за одбрана по состанокот во Брисел со генералниот секретар на НАТО и министерката за надворешни работи на Гренланд.

Разговорите се одвиваат во чувствителен геополитички момент, кога американскиот претседател Доналд Трамп ги интензивира јавните и дипломатските притисоци за преземање контрола врз Гренланд, потег што предизвика загриженост во Европската унија и отвори дебата за можни контрамерки.

„Оваа идеја веќе беше предложена и примена на знаење од НАТО. Верувам дека можеме да воспоставиме рамка со која тоа би станало реалност, во согласност и со разговорите што ги водиме со владата на Гренланд“, изјави Пулсен.

Во меѓувреме, во Нук, главниот град на Гренланд и седиште на Арктичката команда на данските вооружени сили, се бележи засилена и невообичаена воена активност. Од 13 јануари наваму, во градот пристигнуваат помали контингенти војници од Германија, Данска, Франција, Норвешка, Шведска и Обединетото Кралство, најчесто за краткорочни мисии.

Овие распоредувања се дел од мисијата наречена „Arctic Endurance“, за која Данска не соопшти точен број на ангажирани војници, ниту пак рок за нејзино завршување. Командантот на Арктичката команда, изјави дека се планира засилено присуство и заеднички вежби во текот на целата година, а мисијата би можела да трае една до две години, со странски сили вклучени на ротациска основа.

Воените активности засега се фокусирани на извидување, обука и заштита на критичната инфраструктура, со вежби спроведени во Нуук и во Кангeрлусуаκ, на околу 320 километри северно. Дел од активностите вклучуваат и координација со сојузнички воздухопловни сили, како и присуство на дански ловци стационирани на Исланд.

Иако Трамп тврди дека Гренланд е изложен на постојана руска и кинеска закана, генералот Андерсен ги демантира овие наводи, нагласувајќи дека за време на неговиот мандат не е забележано присуство на руски или кинески воени бродови во непосредна близина на островот. Сепак, тој признава дека постои долгорочен ризик, особено по евентуалното завршување на војната во Украина, кога Русија би можела да ги пренасочи своите воени капацитети кон Арктикот.

„Ако не сте навикнати да оперирате на Арктикот, едноставно не можете да го браните“, истакна Андерсен, нагласувајќи дека екстремните временски услови бараат специјализирана обука и опрема. Данска, според него, располага со бродови способни за движење низ мраз и значително ги зголемила вложувањата во одбраната, вклучително и нови фрегати, дронови и далекуметно оружје.

Иако мисијата „Arctic Endurance“ беше активирана како одговор на актуелните политички тензии, слични – но помалку јавно истакнати – воени активности на Арктикот се одвиваа и во текот на 2025 година. Разликата денес, оценуваат аналитичарите, е во отвореноста и јасната политичка порака: Арктикот станува нова линија на геополитички судир, а НАТО се подготвува да биде присутен долгорочно.