
Во прекрасниот амбиент на амфитеатарот при Домот на култура „Илинден“ во општина Илинден, се одржа единаесеттото издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Св. Троица“. Организатор на фестивалот е КУД „Гоце Марковски“ од Долно Лисиче, под покровителство на Општина Илинден.


Фестивалот започна со свечено дефиле, на кое сите учесници, придружувани од звуците на зурли и тапани, тргнаа од основното училиште „Гоце Делчев“ и се упатија по главната улица во Илинден, преку кружниот тек каде беше одиграно најголемото интернационално оро, па сè до Домот на културата „Илинден“, каде се одржаа настапите. На сцената продефилираа фолклорни ансамбли од Романија, Бугарија, Словенија и Србија, како и ансамблите КУД „Гоце Марковски“ и АНПИ „Илинден“ од Скопје.

На настанот присуствуваше и градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, кој на гостите како признание за придонесот во зачувување и промоција на културата, но и како трајно сеќавање за учество на фестивалот им додели пригодни подароци со главното обележје – грбот на Општина Илинден. Градоначалникот нагласи дека Општина Илинден ќе продолжи да го поддржува ширењето и чувањето на културното богаство.

Целта на овој фестивал е токму преку фолклорот да се зближат народите и да се поттикнат нови пријателства. Но, и младите да се едуцираат како за убавините на македонскиот фолклор, култура и традиција, така и за културите на другите земји.