
Во недела во Скопје ќе се одржи петтото издание на Социо-еколошки форум Скопје во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт”- Канцеларија Скопје и „Прогрес” Институт за социјална демократија.
Темата на овогодинешниот форум е “Placemaking for Socio-Ecological Justice” и истиот ќе се одржи во CoWork21 и на јавниот простор помеѓу Кино Култура и Домот на АРМ.
На Социо-еколошкиот форум учество ќе земат прогресивни личности од цела Европа кои се експерти со својата област, во граѓанското општество, академската заедница, синдикатите, медиумите и институциите. Преку работилници, едукативни прошетки и дискусија ќе се истражува како мапирањето може да придонесе кон праведна, инклузивна и климатски отпорна урбана трансформација, особено во однос на екстремните топлински услови.
Настанот ќе започне во 09.30 часот пред Триумфална порта во центарот на градот, а учество ќе земат проф. д-р Кирил Сотировски од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем” (Шумарски факултет); инженерот, сценарист и културен работник; проектен менаџер во Pro Peace Macedonia Јаков Попоски; политичарот, поранешен градоначалник на Шабац и претставник на Демократска партија на Србија Небојша Зеленовиќ, политикологот, феминистка и активистка за социјална правда, програмска координаторка во FES Романија Тудорина Михаи; авторката во независниот медиум „Mašina” и истражувачка во областа на критички урбани студии и просторна правда Искра Крстиќ. Свое учество ќе земат и избраниот локален советник во Град Атина, Грција Константинос Декавалас; архитектката, урбана истражувачка и проектна директорка, активна на пресекот меѓу просторното планирање, јавните знаења и институционалното управување; Nova planska praksa, Србија Љубица Славковиќ, како и архитектката, истражувачка и урбан социолог Ива Петрунова.
Форумот ќе биде поделен во три дела, каде што на работилниците ќе се истражува мапирањето како патека кон социо-еколошка правда.

