Skip to main content
Македонија

Во март ќе има линеарно зголемување на пензиите

04/03/2026  16:23

Уставниот суд ја запре постапката за оценување на уставноста на член 2 од измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување од 2025 година.

Од Судот информираа дека предлогот за поинаква одлука не добил потребно мнозинство гласови, поради што постапката е прекината.

-Во сила останува линеарното зголемување на пензиите. Отпадна сомнежот за неуставност на оспорениот закон и Судот ја запре постапката – соопштија од институцијата.

Постапката беше поведена поради сомневања дека ваквиот модел на зголемување може да ја наруши уставната еднаквост, правото на сопственост и принципот на социјална сигурност, бидејќи еднакво ги третира пензионерите без оглед на висината на нивните придонеси.

Уставниот суд разгледа и повеќе иницијативи поврзани со други закони. Судот одлучи да не поведе постапка за одредби од Законот за заштита на потрошувачите кои се однесуваат на употребата на македонскиот јазик и јазиците на заедниците со најмалку 20 проценти застапеност.

Постапка ќе се води за делови од Законот за судскиот буџет, во сегментот што се однесува на Академијата за судии и јавни обвинители, како и за одредби од Законот за семејството поврзани со роковите за тужби за оспорување татковство, Законот за индустриска сопственост и одлуката за преименување улици и инфраструктурни објекти во Општина Тетово.

Судот одлучи да не поведе постапка за Деталниот урбанистички план за Горно Лисиче, додека за иницијативите поврзани со Законот за извршување и Законот за адвокатурата не беше донесена одлука поради недостиг на мнозинство.

Со донесените одлуки, укинати се одредби од Статутот на Општина Сопиште, Деловникот на Советот на Општина Центар – Скопје, како и делови од Законот за вршење сметководствени работи и Законот за управување со движењето на предметите во судовите.

Покрај постапката за пензиските измени, Судот ја запре и постапката за делови од член 9 од Законот за управување со движењето на предметите во судовите.