Skip to main content
Свет

Во Малезија пукна гасовод, голем пожар зафати неколку згради

01/04/2025  10:32

Истекување од гасовод предизвика голем пожар денеска во предградијата на Куала Лумпур, главниот град на Малезија, што доведе до евакуација на околните згради.

Пожарот во близина на бензински пумпи во централната држава Селангор е видлив од неколку километри.

Пожарникарите во сојузната држава Селангор соопштија дека истекувањето на гасоводот се протега на околу 500 метри, а пожарната колона е многу висока.

Седум лица се повредени кога пожарот зафатил неколку згради, а бројни жители се евакуирани.

Пожарот и последиците од истекувањето на гас ја зафати и инфраструктурата на јавното нафтено претпријатие „Петронас“, кое соопшти дека е прекинато снабдувањето со гас на таа инсталација.

„Петронас“ посочи дека избувнал пожар на еден од нивните цевководи во 8:10 часот по локално време.

„Три бензински пумпи во близина на местото на пожарот не беа погодени, но беа привремено затворени како мерка на претпазливост“, се наведува во соопштението на „Петронас“ и се додава дека истрагата се уште е во тек.

Главниот министер на Селангор, Амирудин Шари, рече дека пожарникарската служба како мерка на претпазливост брзо ги евакуирала жителите на околните куќи и дека тие привремено ќе бидат сместени во блиската џамија додека ситуацијата не биде под контрола.