Skip to main content
Балкан

Во косовско село пронајден изгорен автомобил со српски таблички, во него имало остатоци од човечки коски

05/02/2025  22:19

Во косовското село Главник, во близина на Подуево, пронајден е опожарен автомобил со српски регистарски таблички со остатоци од човечки коски, потврди обвинителството во Приштина.

Како што пренесува Блиц.рс, обвинителството соопшти дека инцидентот се случил вчера и дека при преглед на опожарениот автомобил е утврдено дека внатре има остатоци од коски.

Обвинителот, како што пишува понатаму Блиц, ангажирал форензичар, кој потврдил дека се работи за човечки останки, по што ѝ наредил на полицијата да ги преземе сите потребни истражни дејствија за целосно расчистување на случајот.

„Бидејќи сме во почетна фаза на истрага, засега не можеме да дадеме подетални информации за овој случај, но обвинителот се залага за целосно расчистување на случајот во соработка и координација со надлежните институции“, се вели во соопштението на обвинителството.

Главниот обвинител во Приштина потврдил дека се работи за автомобил со српски регистарски таблички.

„Да, точно е. Се сомневам дека во возилото има човечки коски. Автомобилот е со српски регистарски таблички. Истрагата продолжува“, изјавил главниот обвинител во Приштина, Зејнулах Гаши.

Тој додаде дека се уште не е познато како дошло до овој инцидент. Остатоците од опожарениот автомобил се пренесени во полициската станица во Подуево, заклучува Блиц.