
„Харибо“ итно ги повлече пакувања со бомбони во Холандија откако наводно во нив е пронајдена марихуана, а неколку лица се разболеле.
Супстанцата наводно е откриена откако неколку членови на истото семејство, вклучувајќи деца и возрасни, се чувствувале лошо по консумирањето бомбоните „Happy Cola F!ZZ“ и контактирале со полицијата.
Покрената е истрага за слатките, потврди портпаролот на холандскиот орган за безбедност на храна и производи за широка потрошувачка (NVWA).
„NVWA“ соопшти дека учествува во истрагата и потврди дека „се земени примероци и во нив е пронајдена марихуана“.
– Веднаш контактиравме со Харибо, кој издаде предупредување за безбедност – изјави портпаролот на „NVWA“ за Харт ван Недерланд.
– Сè уште не е познато како марихуаната се нашла во слатките. Полицијата спроведува понатамошни истраги – додаваат „NVWA“.
Харибо претходно изјави дека во оптек се наоѓаат производи што можат да предизвикаат здравствени проблеми, како што е вртоглавица.