Skip to main content
Балкан

Во Грција уапсени 12 лица поради продажба на дрога во училиште, меѓу нив и шест малолетници

20/12/2025  18:25

Грчката полиција уапси 12 лица, од кои шест малолетници, поради трговија со кокаин и хашиш во училиште во регионот Атика во Грција.

Дирекцијата за безбедност на Атика разби синџир за трговија со дрога, главно во училиште, при што беа уапсени шест полнолетни и шест малолетни лица, пренесе денеска „Катимерини“.

Локалните власти соопштија дека членовите на синџирот тргувале со кокаин и хашиш дури и за време на петдневна школска екскурзија.

Истрагата покажала дека во последните најмалку два месеци групата извршила повеќе од 200 трансакции со дрога, од кои голем дел се одвивале во едно средно училиште.

Случајот е откриен откако властите добиле информации за активностите на малолетници кои тргувале со дрога меѓу своите врсници и школски другари.

Како што е утврдено, координацијата на трговијата, снабдувањето и складирањето на дрогата ја вршеле шест полнолетни лица, кои ги користеле малолетниците за дистрибуција.

Неколку трансакции вклучувале кокаин, додека во некои случаи тргувале и со хашиш.

Активностите не биле ограничени само на едно училиште, туку и на плоштади и јавни простори.

Во текот на операцијата се уапсени, меѓу другите, наводниот лидер и заменик-лидер на организацијата. Против нив е покрената постапка и изведени се пред обвинител и истражен судија, каде им е даден рок за изјаснување.